• Македонски(MK)
  • Албански(AL)
  • Српски(SR)
  • Англиски(UK)
НОВОСТИ И НАСТАНИ

Др. Салих Бозкурт: Ласерска корекција на диоптријата!



Што е рефрактивна хирургија и на кој дел од окото се делува?

Во последните седум века, се’ до појавата на контактните леќи во 1950 година, очилата беа единствен практичен начин да се подобри видот кај лица со рефрактивни аномалии (миопија, хиперметропија, астигматизам).

Во денешно време постојат неколку современи пристапи кон корекцијата на диоптријата на окото. Оваа гранка на офталмологијата која се разви најмногу во последните 30 години се нарекува рефрактивна хирургија и вклучува неколку различни процедури кои ја подобруваат способноста на окото за фокусирање и ја намалуваат или елиминираат потребата за носење на наочари или контактни леќи. 

Корнеата е предниот провиден дел на окото. Таа има функција слична на леќата на фотографска камера, која ја фокусира светлината за да се формира јасна слика на ретината во задниот дел на окото. Во многу случаи формата на корнеата и на окото не се идеални и сликата која се проектира на ретината е заматена или изобличена. Заради тоа се јавува кратковидост (миопија), далекувидост (хиперметропија) или астигматизам.
Рефрактивните ласерски интервенции ја менуваат формата на површината на окото (корнеата), со што се добива појасен фокус на сликата.

Во случаи кога заради различни причини не може да се направи ласерска корекција, видот може да се подобри со хируршко вметнување на вештачки леќи во окото. Најважно од се’ е да се направи точна проценка која хируршка интервенција најдобро одговара за одредено око, а тоа може да се утврди само после извршен детален очен преглед.

Кој е принципот на ласерската интервенција?

Денес постојат повеќе различни типови на ласерски процедури за корекција на видот, како што се LASIK (laser-in-situ-keratomileusis), PRK (photorefractive keratectomy), радијална кератотомија и други. Разликата помеѓу нив е во начинот на кој се третира површниот слој на окото (епителот на корнеата).

Еxcimer ласерот емитира кратки интервали на ладни ултравиолетови зраци со кои се отстранува мало количество на корнеално ткиво, обично помалку од дебелината на човечкото влакно.

При LASIK со помош на ласер се прави микротенок засек, површината на корнеата се подигнува (flap), и потоа се користи Excimer ласер за отстранување на дел од ткивото на корнеата. Подигнатиот дел од корнеата потоа се враќа во првобитна позиција и го препокрива третираното место. Предностите на LASIK се тоа што видот брзо се подобрува, само неколку часа после интервенцијата, пропратен е со минимален дискомфорт, а после интервенцијата има потреба од ставање на капки кратко време, околу 1 недела. Ризиците се поврзани со формирањето на корнеалниот флеп, како и можното изместување на флепот после интервенцијата.

PRK е првата процедура одобрена за ласерска корекција на видот. Кај неа површниот слој (епителот) на корнеата комплетно се отстранува и потоа корнеалното ткиво се третира со Excimer ласер се додека не се постигне саканата диоптрија. Епителот потоа се регенерира во наредните неколку дена, заради што е потребно веднаш по интервенцијата да се стават заштитни контактни леќи. Предностите се што интервенцијата е брза, едноставна, не бара правење на засек на корнеата и е особено погодна за одредени диоптрии. Недостатоците се тоа што е поврзана со поизразена нелагодност на окото по интервенцијата, поспоро постигнување на саканата видна острина, во тек на неколку дена и потреба за подолго користење на капки како терапија после интервенцијата.

Кој може да направи ласерска корекција на диоптријата?

За да се направи ласерска интервенција потребно е да бидат исполенти неколку важни услови:
- Лицето мора да биде на возраст над 18 год.
- Окото треба да биде здраво, да нема други придружни заболувања
- Диоптријата треба да биде стабилна (да не се менува во тек на последните 12 месеци)

Дали се потребни дополнителни испитувања пред да се направи ласерската интервенција?

Од исклучителна важност е пред третманот да се направи детален очен преглед, со кој треба да се исклучи постоење на имунолошки, алергиски болести, одредени инфекции на окото (херпес кератит, увеит) како и други состојби на окото (катаракта, кератоконус, глауком). Исто така ласерската корекција не смее да се прави во тек на бременост и доење. 

Во тек на овој очен преглед исто така треба да се направи комјутерска снимка на површината на окото (корнеална топографија), со која се утврдува формата, закривеноста на корнеата, како и дебелината на корнеата, што се параметри од голема важност за самата интервенција. Со неа се утврдува дали може да се направи ласерска корекција, како и кој тип на интервенција најмногу одговара за одредено око.

Доколку пациентот носи контактни леќи тие треба да се извадат пред прегледот. Пожелно е контактните леќи да не се носат 7-10 дена пред ласерската интервенција.

Колку време е потребно за да се направи ласерска корекција на диоптријата?

Прво, како што веќе споменавме, потребен е детален офталмолошки преглед. Откако ќе се закаже терминот за интервенција, се препорачува да се планираат неколку дена кога пациентот може да биде на одмор. Самата интервенција се прави на двете очи одеднаш, трае околу 15 минути, но потребно е време за предоперативна припрема и пост-оперативни процедури.

Интервенцијата се изведува во операциона сала, во стерилни услови, со локална анестезија, со капки, така што во текот на интервенцијата не се чувствува болка. После интервенцијата пациентот си оди дома, но наредниот ден треба повторно да дојде за контрола.

На што треба да се внимава после направената ласерска интервенција?

Во тек на првите 24 часа пациентот не смее да вози. Во тек на околу 2 недели после интервенција пациентот ќе треба да употребува капки за очи. Во тек на првите неколку дена очите можат да бидат осетливи на светлина, да има солзење, замаглен вид, чувство на гребење, боцкање, печење, но тие симптоми исчезнуваат после првата недела. Во период до 2 месеци после интервенцијата, треба да се избегнува работа во прашина, прљавштина, како на примар градинарски активности, очите не смеат да се тријат со рака, не смеат да се прават напорни вежби, чистење по дома или контактни спортови. Исто така во тој период треба да се избегнува пливање во базени и други нечисти води.

Кои се придобивките од ласерската корекција на диоптријата?

Ласерската корекција на видот ја намалува или комплетно ја елиминира потребата од носење на наочари или контактни леќи, а со тоа и трошоците поврзани со купување на рамки за очила, стакла, нови контактни леќи и средства за нивно одржување. За некои луѓе носењето на очила или леќи е непријатно, непожелно, особено доколку се занимаваат со одреден спорт. За одредени професии дури носењето на очни помагала не е дозволено (професионални возачи, спортисти и др.), во кој случај ласерската корекција на диоптријата е единствена алтернатива. Некои пациенти едноставно сакаат да можат јасно да го видат часовникот кога ќе се разбудат!

Дали интервенцијата е безбедна?

Според истражувања на Американското здружение за рефрактивна хирургија, минатата година само во САД се направени околу 1 милион рефрактивни операции. Податоците од исцрпни клинички студии спроведени во изминатите 20 години покажуваат дека после интервенцијата кај сите пациенти има значително подобрување на видот без корекција (очила или леќи), односно 95% од пациентите биле задовни од исходот после интервенцијата. Секако, како и при сите други медицински интервенции, одредени ризици постојат, како на пример ризик од инфекција, дестабилизација на корнеата, стварање на хало околу светли објекти при гледање, појава на сувост на очите. Сепак, појавата на овие компликации се сведува на помалку од 1%, а со развитокот на ласерската технологија и методите на работа, во споредба со порано тие многу поретко се јавуваат и полесно се третираат во денешно време. 

Покрај технологијата, од еднаква важност за добар исход од интервенцијата е и искуството на хирургот. Во светот денес постојат голем број ласерски центри, но агресивните реклами и ниската цена на интервенцијата не смеат да бидат единствен причина пациентот да избере одреден центар или хирург. Пред да се реши на интервенција секој пациент треба добро да се распраша околу квалификациите на хирургот, неговото искуство со вакви интервенции, неговите стандарди во работата, односно на кој начин ги селектира пациентите за интервенција, како и неговата посветеност кон пациентот, пред но и после интервенцијата.

Колку диоптри можат да се корегираат со ласерска интервенција?

Со Excimer ласер можат да се корегираат до 7 диоптри во минус (миопија), до 5 диоптри во плус (хиперметропија и до 4 диоптри (цилиндар (астигматизам). Доколку диоптријата е поголема од овие вредности, сепак е можна рефрактивна хирургија, но не со ласерска интервенција, туку со оперативен зафат за вградување на леќи во окото (имплантација на интраокуларни леќи). Операцијата се изведува исто така со капки, со локална анестезија, низ минимален рез 2-3мм, при што се отстранува природната леќа на окото со методот на факоемулзификација, а на истото место внатре во окото се вградува вештачка леќа. Има повеќе типови на вакви леќи (асферични, торични, мултифокални и др.), а изборот на леќата зависи од потребата, возраста на пациентот, типот на диоптријата и други фактори.

Ласерската корекција на диоптријата во денешно време веќе се смета за безбедна, успешна метода со која се добива јасен и прецизен вид без потреба од носење на наочари или контактни леќи. Предностите на оваа процедура се многубројни. Повеќе од 10 години, таа придонесува за подобрување на квалитетот на животот на милиони луѓе во светот, а во последнава година, оваа интервенција и современа технологија е достапна и во нашава земја.

 

Интервјуто е објавено во „Журнал“ на  12.08.2013

Оргиналниот текст можете да го погледнете на следниот ЛИНК.

Останато

Интервју на др. Салих Бозкурт за РТВ АЛДИ, Прешево

Прочитај повеќе

Д-р Билјана Ивановска Аџиевска: Дегенерација на макулата

Прочитај повеќе

Д-р Џумхур Кара: Пресадување на рожница (кератопластика)

Прочитај повеќе

Интервју со д-р Бозкурт: Ласерската корекција на видот во никој случај не може да предизвика трајно слепило

Прочитај повеќе

Попуст на ласерска корекција на диоптрија!

Прочитај повеќе

Д-р Гордана Златева: Прематурна ретинопатија

Прочитај повеќе

Ласерски третман на миопија и хиперметропија

Прочитај повеќе

Д-р Салих Бозкур во емисијата Për ditë të mbarë

Прочитај повеќе

Д-р Наташа Гинева: Ласерска корекција на диоптрија

Прочитај повеќе

Европската Очна Болница во емсијата ДНК

Прочитај повеќе

Почитувани,

Успешно испративте порака. За најкраток временски рок нашиот тим ќе Ве контактира преку внесените податоци.


Со почит
Европска Очна Болница- Скопје

Почитувани,

Успешно испративте барање за закажување на термин. За најкраток временски рок нашиот тим ќе Ве контактира преку внесените податоци.


Со почит
Европска Очна Болница- Скопје

Почитувани,

Успешно се приклучивте на нашиот е-билтен. Во иднина ќе добивате корисни информации за нашата болница преку внесената е-маил адреса.


Со почит
Европска Очна Болница- Скопје